Curated by: Mirko Popov
Sleeve design: Violeta Kachakova
Front cover photo by: Mirko Popov
PMG Recordings 160 / Vinyl Fetish 003 / 2018
All rights reserved
За Нас…
Историјата е минато, кое доколку идните генерации имаат среќа, ќе биде запишано на носач на звук. Сублимат на времето, заробен во песна, простум понудена на добронамерен слушател. Попуста едукација за култура и зародиш на емоционална обврска кон умрените.
Историјата е назад, ние сме тука и гледаме напред. Секогаш напред.
А ризиците кои ги преземаме… доколку пропаднеме – пропаѓаме сами. Но доколку успееме, тоа ќе биде успех на сите, за сите.
Ние ја предизвикуваме традицијата, останувајќи лојални на суштината.
Можеби само инсталираме нови, подобри традиции за кршење.
Ние сме целосен, фронтален напад врз конвенцијата и ортодоксното.
Репрезентативен примерок на импровизаторскиот аспект на општеството.
Субверзивен глад за промена.
Обид за нов начин на гледање на светот и себе во него. Обид за лоцирање на подобра реалност.
Ние сме трн во окото на вчера. Солза во окото на денес. Насмевка на лицето на утре.
Нашите канцеларии се наоѓаат на сите познати места: од неудобни темни сандаци два метра под земја, до пространи, топли, во светлина искапени простории во Владата на Република Mакедонија. Ние сме деца на ангелогласниот Јован Кукузел, фабулозниот Димитар Влахов, несебичниот Драган Ѓаконовски Шпато…. потстанари во небескиот дворец на David Bowie, или можеби во некои од поскромните рент-а-станови на стрико Ротшилд. Ние сме преживеаните од бродоломот на нашиот остварен сон. Сурфери на антагонизмот, во грозничава потрага по интегритет, самопрезервација и опстанок. Настапуваме динамично, речиси агресивно, но не сме лути никому. Освен можеби на самите себеси. Токму на тој извор се напојуваме со ентузијазам.
Се измисливме себеси во сосем слободен креативен процес. Израснавме во јавност. Созреавме преку болка. Нашиот порок е убавиот живот. Нашата порака е борба.
Кон АРТИСТИТЕ на оваа плоча…
Се помалку ми јасно како сме успеале да ја изведеме оваа несомнено заедничка историја. Сите овие фантастични луѓе кои се втиснати на плочава, благо речено се too much to handle. Сирови, па и брутални индивидуалци, како лично, така и професионално. Сепак нема натприродни сили кои можат да објаснат како се создава вака компримирано парче историја. Длабоко сум уверен дека силата дојде однатре, од сите нас и нашата потреба да покажеме едно досега невидено, или можеби неосветлено лице на оваа култура. Градевме врз соочувањето со грдата страна на сегашноста и едноставно одбивме да се повлечеме во тишина.
Мирко Попов, 18 декември, 2018