Македонија на Струја е зрак светлина, вперен кон автентичните локални протагонисти на современата електронска музика. Речиси 30 години, респектабилен број на луѓе ги вградија својот интегритет, креативност и животна енергија во корпусот на оваа сцена и обезбедија да бидеме дел од светскиот електронски real time процес. Нашите диск џокеи, композитори/продуценти, па и промотери (и самите тие фанови), поставија здрави корени и сериозни критериуми, кои речиси 30 години обезбедуваат основа за развој на оваа сцена. Разноликоста на идеи, пристапи, музички стилови е наше богатство, кое го должиме токму на пионерите на оваа сцена, но и сите оние кои ја преземаа идејата и ја пренесоа во новото време. Време кое изобилува со шаренило, квантитет, па и квалитет, кои беа речиси незамисливи пред триесетина години.
Македонија на Струја е платформа за обединување на круцијалните имиња на македонската електронска сцена и мост за соработка помеѓу чинителите на истата од сите периоди. Истакнување на значењето на домашните артисти, со фокус на што е можно поголем респект кон нив, како од публиката, така и од оние кои денес го водат бизнисот во сцената. Платформа за меѓусебна соработка пред се на артистите, но и на сите чинители на сцената.
Македонија на Струја е компилација во прогрес, со која целиме да бидат опфатени најголем можен број на домашните електронски продуценти во следните години.
Македонија на Струја е фестивал на кој годишно и на едно место, ќе настапуваат најзначајните имиња на македонската електронска сцена.